top of page
ЗА НАС
___________________________________________________________________________________________
Нашата Визија
Основен постулат на СДСМ и на новата левица во Македонија е дека: луѓето се добри, тие сакаат слобода и еднаквост, но потребна им е и солидарност. Секој човек е личност за себе, и е еднакво вреден како и секој друг. Секое човечко суштество, секој од нас, заслужува шанса за да ги реализира своите соништа за подобар живот. Шансите не смеат да бидат шанси само за неколкумина, само за мнозинството, туку за сите. Затоа, граѓаните заслужуваат политички решенија кои ќе бидат стабилни, развојни и напредни. Решенија кои секогаш ќе ја водат државата во таква насока: за подобро утре, за подобар живот, за посилна економија, за техничка модернизација, за намалување на сиромаштијата, за зголемување на личните слободи, за еднаквост, за стабилно и праведно општество, за професионална администрација, за развиени и самостојни општини, за зачувување на животната средина, за регионална соработка и за целосно интегрирање во меѓународните организации.
Историјата сосема јасно нè учи дека левицата во Македонија секогаш била храбра и прогресивна. Токму со тие постулати, а и со огромна почит кон претходниците, се зафативме да ја градиме независна Македонија. И денес не отстапуваме од нашите идеи. Не бегаме од одговорноста за минатото, но и од одговорноста да се соочиме со предизвиците за да ја градиме државата и да се бориме за подобра иднина. Интересите на државата секогаш ни се на прво место, но не само тие од денес, туку и оние од утре. Наместо популизам ние нудиме прагматични и реални политички решенија. Посветеноста на развојот на Македонија е нашиот главен мотив, а храброста и прогресивноста се нашите основни белези. Патриотизмот и љубовта кон татковината се нашите ѕвезди водилки.
Програмата на СДСМ е нашата политичка платформа и нашата визија за развој на државата. Во следните 10 години сакаме Македонија да стане поинаква Македонија. Да биде економски развиена, без сиромаштија, со вработени и социјално обезбедени граѓани. Сакаме да има повеќе лични слободи, поголеми колективни права и сите да се еднакви пред институциите, кои ќе функционираат според највисоките професионални стандарди. Сакаме да има еднаквост и рамноправност на сите граѓани, и да имаме еднаква застапеност на жените во сите сфери на општеството. Сакаме да имаме повисока политичка култура, силна и критичка јавна дебата во независни медиуми, толеранција кон разликите и активни граѓани кои лично, или преку нивните здруженија ќе бидат вклучени во донесувањето и спроведувањето на политичките решенија. Сакаме да имаме добри односи и соработка со сите наши соседи. Конечно, сакаме Македонија да стане рамноправна членка во НАТО и во ЕУ.
ИДЕОЛОШКИ ПРИНЦИПИ
1.Развој на демократијата и на слободата.
2.Еднаквоста и солидарноста се темелите на општеството.
3.Почитување на дијалогот и толеранцијата.
4.Секое право носи одговорност.
5.Корпоративно управување и ново партнерство.
6.Социјално одговорна пазарна економија .
7.Мир и безбедност преку регионални интеграции и меѓународната соработка.
bottom of page