top of page

ИСТОРИЈА НА ПАРТИЈАТА

____________________________________________________________________________________________

 

Нашите корени...

 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија како политичка партија е основана на 21 април 1991 година на 11 Конгрес на СКМ-ПДП кога врз основа на иницијативата на Претседателството на ЦК СКМПДП од 14 февруари 1991 година и предлогот на Централниот Комитет на 23 февруари 1991 година е донесена и одлуката за промена на името од СКМПДП во СДСМ.

 

Оттогаш па до денес СДСМ е модерна, демократска, социјалдемократска партија која своите корени ги влече од традиционалните левичарски идеи кои опстојуваат на оваа територија уште со одржувањето на Првата конференција на македонските социјалисти во Македонија на 3 (17) јуни 1900 година во селото Житоше - крушевско, постоењето на политичката група на Васил Главинов која ги дефинираше основните социјалистички гледања за ослободителната борба на Македонија како дело на самите Македонци и создавање на независна македонска република со еднакви права на сите нејзини граѓани без оглед на етнички, верски, културни и други разлики.

 

Левите, социјалистички идеи имаа свои корени и во Македонската револуционерна организација како носител на модерната, прогресивна идеја за слобода и создавање на држава, независна и ослободена од влијанието на сите соседни пропаганди од надвор. Меѓу претставиците на левото крило во македонското револуционерно движење најзначајно место заземаат Гоце Делчев и Никола Карев.

 

Суштински напредок во формирањето на социјалистички и социјалдемократски организации беа постигнати по победата на Младотурската револуција (1908) кога во сите поголеми градски центри биле создадени вакви ограноци. И помеѓу двете светски војни овие идеи имаат значајно место и поддршка меѓу македонското население како автентичен претставник на македонското национално движење наспроти врховистичките пробугарски струи на чело со Ванчо Михајлов и Тодор Александров како пропагатори на идеите на бугарскиот двор и негатори на македонската нација.

 

Левичарската, социјалдемократска идеја беше најдоминантна и во Втората светска војна преку Комунистиката партија на Македонија која резултираше со првото заседание на АСНОМ на 2-ри август 1944 година и конституирањето на македонската држава и остварувањето на вековните стремежи за независност и слобода на македонскиот народ.

 

Токму од овие вековни идеи и традиции, денес СДСМ ги влече своите основи како модерна и државотворна партија која тежнее кон создавање на општество кое се базира на еднаквост, слобода, демократија, членство во евроатлантските интеграции, економски развој и солидарност.

bottom of page